5 февруари 2010
На 4 февруари 2010 година, во Скопје, со почеток во 17 часот, во салонот на Културно-информациониот центар на Република Бугарија во Република Македонија се одржа промоција на поредица книги со наслов „Колекция България – Загадки от вековете“ од авторите доц. Пламен Павлов и проф. Људмил Спасов. Г-н Павлов е преподавател по историја на Византија и Средновековни балкански држави (4-15 век) на универзитетот „Св. св. Кирил и Методиј“ во Велико Трново, а г-н Спасов е професор по историја на универзитетот „Паисиј Хилендарски“ во Пловдив.
Промоцијата беше отворена од г-н Димитар Христов, директор на Културно-информациониот центар на Република Бугарија во Република Македонија, а за книгите зборуваа доц. Павлов и книгоиздателот, г-н Александар Тренев, генерален менаџер на издавачката куќа „Световна библиотека“ од Софија. Проф. Спасов не присуствуваше на промоцијата.
Посебен осврт беше даден на шестиот том, кој ја разработува географската област Македонија. Оваа книга содржи богат илустриран енциклопедиски материјал, со редица непознати или заборавени историски факти за Македонија. Во книгата се обработени настани поврзани со бугарската историја и култура од длабоката древност, преку Средновековието, па се' до најновото време. Придонес во изработката на оваа книга имаат дадено повеќе институции и експерти, меѓу кои е и г-н Симеон Симев од Република Македонија.
Промоцијата беше посетена од поголем број на граѓани од Скопје и други градови на Република Македонија и предизвика особен интерес и внимание. Претставувањето спонтано премина во дискусија со авторот и книгоиздателот, во која посетителите активно се вклучија. Со свои прашања и мненија учествуваше г-н Панде Ефтимов, како и писателот Младен Србиновски, кој нагласи дека треба да запре „говорот на омраза“ во македонските учебници кон соседните држави, како и потребата за преразгледување на некои делови од македонската историја и нивно усогласување со европските стандарди.
Меѓу посетителите на промоцијата, беше и г-н Ангел Ангелов, кој времено ја исполнува функцијата амбасадор на Република Бугарија во Република Македонија, и г-ѓа Адела П’шкова, аташе за култура на бугарската амбасада.
На промоцијата присуствуваа претседателот и потпретседателот на Бугарскиот културен клуб – Скопје, г-н Лазар Младенов и г-н Александар Николич, како и членови на клубот. По повод 138-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, г-н Лазар Младенов му врачи на доц. Пламен Павлов грамота од името на Бугарскиот културен клуб – Скопје за неговите приноси кон популаризацијата на нашата организација и развитието на добрососедските односи меѓу Република Македонија и Република Бугарија.
Г-н Младенов, претседател на БККС, му ја врачува грамотата на доц. Пламен Павлов.
Од своја страна, доц. Павлов и г-н Тренев му го подарија шестиот том на г-н Младенов за пројавената активност на Бугарскиот културен клуб – Скопје во областа на културата и граѓанските иницијативи.
Книгоиздателот г-н Тренев и авторот доц. Павлов му го подаруваат на г-н Младенов шестиот том од поредицата книги "Колекция България - Загадки от вековете".
Со доц. Павлов беа разменети полезни мислења за неопходноста од соработка со организации и институции од Република Бугарија за реализација на различни проекти од областа на културата со цел зближување на двете држави и побрза интеграција на Република Македонија во Европската унија.
Средба со доц. Пламен Павлов на која беа разменети мислења за културна соработка. Од лево на десно се: г-н Александар Николич, потпретседател на БККС, доц. Пламен Павлов, г-н Лазар Младенов, претседател на БККС, и г-н Дејан Танчовски, член на раководството на БККС.