19 мај 2011
Раководството на „Бугарскиот културен клуб“ – Скопје (БККС) изразува длабока загриженост во врска со актуелната политичка ситуација и ги определува предвремените парламентарни избори како клучни за иднината на Република Македонија.
Веќе дваесет години во Р. Македонија недостига визија за реално раскинување со наталожените проблеми и практики од поранешниот југословенски тоталитарен систем. Р. Македонија е една од последните земји во Европа во која не е извршена целосна демократизација на општествениот живот. Се' уште не е направена критична оценка на југословенското минато, не се расчистени тоталитарните идеологеми и симболи и не се дозволува критичка оценка на историјата (вештачки наложена за време на југословенскиот комунистички режим). Дури не е започнат ни процесот на лустрација, со тоа што луѓе од репресивните структури на тајните служби на стариот режим, се' уште се на влијателни општествени позиции.
Неизвршената вистинска демократизација е во основата, како на сите внатрешни проблеми, така и на постојаните конфликти со соседите, што е фундаментална пречка за интеграцијата на Р. Македонија во евро-атлантските структури. Веќе дваесет години ниту една политичка сила немаше капацитет или желба да ги започне и изврши овие промени за да го расчисти патот на Р. Македонија кон нејзино вистинското демократизирање и премин кон модерно општество, кое е свесно за своето минато и има единствена визија за својата иднина.
Замената на евро-атлантската иднина со отворена рејугословенизација, „антиквизација“, изолационистички менталитет и продлабочување на економската криза, уште повеќе го намалува ограничениот внатрешен политички потенцијал на земјата за контролирање на одредени процеси. Тоа може да доведе до опасност од драматичен развој на меѓуетничките односи, со тешки последици за интегритетот на државата и стабилноста во целиот регион.
Во врска со претстојните предвремени парламентарни избори убедени сме дека македонската јавност има право да знае кои политички субјекти имаат искрена желба да работат за демократизација и европеизација на Р. Македонија. Тоа би било востановено со поддршка на декларацијата на БККС (приложена кон ова писмо), која е изготвена врз основа на Резолуцијата на Европскиот парламент за напредокот на земјата за 2010 година и Извештајот за човечки права на американскиот Стејт департмент. БККС излегува со оваа декларација и ги повикува политичките партии да ја потпишат пред изборите, со што декларираат дека ќе се сообразат со нејзините препораки, а индиректно и со препораките на Европскиот парламент и американскиот Стејт департмент.
Несогласувањето да се поддржи следната декларација и одбивањето по изборите тие точки да бидат исполнети од страна на новата влада би сигнализирало дека предметните политички субјекти намерно работат против демократијата (со продолжување на југословенското тоталитарно минато), како и за оддалечување на Р. Македонија од евро-атлантскиот цивилизационен избор. Тоа ќе биде важен сигнал, БККС да ги информира своите евро-атлантски партнери за продолжувањето на манипулациите со македонските гласачи и да започне да размислува за евентуален сопствен политички ангажман во иднина, со единствена цел да помогне за зачувување на интегритетот, демократизацијата и благосостојбата на сите граѓани на Р. Македонија, вклучувајќи ги и илјадниците граѓани, кои по распадот на Титова Југославија ја обновуваат бугарската етничка припадност, но немаат соодветен политички субјект низ кој ќе ги препознаат своите барања и стремежи за нормален европски развој.
Со почит,
Лазар Младенов
Претседател на БККС
Прилог: Декларација за демократизација и интеграција на Р. Македонија во евро-атлантските структури
ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА ДЕМОКРАТИЗАЦИЈА И ИНТЕГРАЦИЈА НА Р. МАКЕДОНИЈА ВО ЕВРО-АТЛАНТСКИТЕ СТРУКТУРИ
Со потпишувањето на оваа декларација, ние декларираме дека ќе се сообразиме и ќе работиме со следниве препораки на БККС, изготвени врз основа на Резолуцијата на Европскиот парламент за напредокот на Р. Македонија за 2010 година и Извештајот за човечки права на американскиот Стејт департмент, со што јасно изјавуваме дека сме за трајно и конечно прекинување со тоталитарното југословенско минато и дека го поддржуваме евро-атлантскиот избор и цивилизациски модел:
1. Неодложно решавање на спорот за името со Грција за брза интеграција во НАТО и ЕУ, со цел зачувување на територијалната целокупност на земјата и одбегнување на конфликти и нестабилност. Одлуката да биде донесена по консензуален пат помеѓу сите политички субјекти, отфрлајќи ја монополизацијата на историското наследство на целиот географски регион Македонија, земајќи ги предвид етничките реалности на Балканот до 1945 година, како и создавајќи услови за граѓански устав;
2. Неодложно објавување на досиејата и имињата на агентите и соработниците поврзани со поранешните југословенски тајни служби, како важен чекор кон разрушување на стариот тоталитарен систем. Започнувањето и успешното завршување на процесот на лустрација е еден од најважните предуслови за создавање на вистинско демократско општество;
3. Реформирање на образовниот систем и воведување во училиштата на учебници, во кои нема идеолошки интерпретации на историјата, преку создавање на заеднички експертски комисии за образование и историја со Бугарија и Грција и заедничко одбележување на заеднички историски настани и фигури, со цел придонесување за подобро разбирање на историјата и развој на добрососедски односи;
4. Категорично запирање на кампањата на омраза против соседните држави, а особено против Бугарија, како и дистанцирање од какви било напади врз евро-претставници и дипломати, што е исклучително штетно за имиџот на земјата;
5. Подигнување на свеста за важноста на заштитата и одржувањето на културното наследство, што е столб на европските вредности и принципи; возобновување на голем број целосно напуштени и урнисани гробишта, натписи врз фрески и артефакти кои му припаѓаат на бугарското културно-историско наследство;
6. Запирање на цензурата врз бугарската култура и допуштање на нејзиното слободно распространување во државата; запирање на дискриминацијата против носителите на дипломи од бугарски универзитети и академии; запирање на намерниот и организиран притисок врз македонски граѓани со цел промена на регистрационите таблички на нивни превозни средства (особено на коли со бугарски регистарски таблички), со што се нарушува правото на сопственост и се спречува слободното движење, утврдено со меѓународни конвенции и стандарди; прекинување на незаконската практика (која го нарушува меѓународното право) да не им се дозволува на македонските граѓани со двојно бугарско државјанство да ја минуваат македонската граница со бугарски пасош;
7. Создавање на демократско општество базирано врз владеењето на правото и почитувањето на човечките права; запирање на политизацијата и етничката дискриминација во јавната администрација; оневозможување на политичкиот притисок врз судството и ревизија на сите контроверзни и политички мотивирани пресуди, кои претходната македонска влада ги користеше за пресметување со политичките противници, и барање на одговорност од предметните судии за непрофесионалните и тенденциозни судски решенија;
8. Прекинување на сите обиди за заплашување и директни напади врз организации на граѓанското општество и нивните истакнати активисти, како и прекратување на прогонот на граѓани со бугарска етничка припадност; создавање на правна рамка против монополизацијата на акронимот ВМРО за име на одредени политички партии, бидејќи историското наследство на ВМРО им припаѓа на сите граѓани, без оглед на нивната политичка припадност;
9. Прекинување на институционалниот притисок врз медиуми и новинари и кршење на слободата на говорот, што сериозно ја влошува демократијата во земјата; создавање на слободни и независни медиуми (со утврдени професионални новинарски стандарди, дистанцирани од политичките и економски влијанија), како неопходен предуслов за стабилна демократија;
10. Прекинување на сите злоупотреби и провокации со историјата и обидите со државно финансирање на, така наречениот феномен „антиквизација“, да се создаде нов национален идентитет (кој во минатото не постоел, а сега се аргументира со мегаломански проекти, како што е на пример „Скопје 2014“), што ќе ја спречи реалната опасност од се' посериозно влошување на затегнатите односи со соседните земји, од една страна, и создавање нови внатрешни поделби, од друга; итен прекин на проектот „Скопје 2014“ и ревизија на одлуките за веќе започнатите објекти и поставени споменици; целосна ревизија на именуваните улици, наследени од тоталитарниот режим;
11. Привлекување на инвестиции за развој на патната инфраструктура кон соседните држави, како предуслов за постојано зголемување на економската благосостојба, што би имало значителен придонес за стабилноста и интеграцијата во регионот; брза изградба на железничка линија меѓу Скопје и Софија; отворање на нови гранични премини кон соседите, како на пример: долго одлаганиот премин „Берово-Клепало“;
12. Создавање на можност за изучување на бугарскиот литературен јазик во образовниот систем и користење при богослужбата во црквите на родниот јазик на значајните историски личности од Македонија, кои денес се во основата на културните традиции на државата;
13. Целосно реформирање на МАНУ и отпуштање на сите професори и научни работници кои ја изградиле својата кариера и учествувале/учествуваат во фалсификувањето на историските факти утврдени од светската наука, што го потврдуваат бугарското етничко, културно и религиозно наследство на значајни настани и личности од бугарското Средновековие (св. Климент Охридски, цар Самуил), бугарската преродба (Кирил Пејчинович, Рајко Жинзифов, браќата Миладиновци, Григор Прличев, Кузман Шапкарев), па се' до бугарското национално-ослободително движење (Дамјан Груев, Христо Матов, Гоце Делчев и сите дејци на ВМОРО);
14. Преразгледување на лиценцата на сите медиуми, кои се контролирани од активни политичари, што целосно ги нарушува законите, принципите на демократијата и слободата на медиумите;
15. Запирање на злоупотребата и распространувањето на географската карта на Македонија (претставувана како „историска етнографска карта на македонскиот народ“), со што директно се изразуваат територијални, културни и историски претензии кон соседните земји.
Декларацијата е потпишана од Лазар Младенов, претседател на БККС, и е испратена за потпишување до: Али Ахмети (претседател на ДУИ), Љубе Бошковски (претседател на ОМ), Ивон Величковски (претседател на ЛПМ), Никола Груевски (претседател на ВМРО-ДПМНЕ), Марјан Додовски (претседател на ВМРО-НП), Лазар Еленовски (претседател на СДУ), Љубисав Иванов-Ѕинго (претседател на СПМ), Јован Манасијевски (претседател на ЛДП), Руфи Османи (претседател на НДП), Тито Петковски (претседател на НСДП), Лилјана Поповска (претседател на ДОМ), Имер Селмани (претседател на НД), Мендух Тачи (претседател на ДПА), Павле Трајанов (претседател на ДС) и Бранко Црвенковски (претседател на СДСМ).