11 ноември 2010
Делегацијата на Европската унија организираше претставување на извештајот за напредокот на Македонија за 2010 год. за претставниците на граѓанското општество. Беше претставен и документ за стратегијата на проширување на ЕУ.
Учествуваа повеќе организации, меѓу кои и „Бугарскиот културен клуб“ – Скопје (БККС). Настанот се одржа во Инфо-центарот на ЕУ со почеток во 11ч.
Од страна на делегацијата на ЕУ учествуваа амбасадорот Ерван Фуере, г-н Роберт Лидел, раководител на политичката и информациона секција, и г-ѓа Ирена Иванова.
Амбасадорот Фуере го започна своето изложение со анализа на судскиот систем. Тој оцени дека институциите треба да вложат уште многу работа за спроведување на реформите во оваа област и ја нагласи потребата од ефективна имплементација на законите. Г-н Фуере изрази особена загриженост заради политичкото влијание во судството.
Беше искажана длабока загриженост заради политизацијата на медиумите, што ја доведува во опасност нивната транспарентност и независност. Делегацијата на ЕУ остро ги осуди притисоците и заплашувањето на новинари. Исто така, беше коментирана и политизацијата на јавната администрација.
Амбасадорот Фуере ги осуди нападите на граѓански организации од страна на владини министри. Во тој контекст, учесниците на овој настан ја подигнаа свеста за потребата од потесна соработка и солидарност меѓу граѓанските организации. Беше оценето дека граѓанскиот сектор се’ уште има ограничено влијание во креирањето на политики.
Учесниците дадоа конструктивни забелешки, мислења и предлози по однос на извештајот за 2010 год. БККС ќе се обрати кон делегацијата на ЕУ со свој коментар во писмена форма.
На следната интернет страница може да ги најдете погоре споменатите документи на ЕУ за проширување:
http://ec.europa.eu/enlargement/press_corner/key-documents/reports_nov_2...