Влез за потребители

Кој е вклучен?

Во овој момент на сајтот има 0 потребители и 3 гости.

Миладиновци: Български народни песни

Етнографија на Македонија

Македония - Сборник от документи и материали

Статут

Врз основа на членовите 18 и 20 од Законот за здруженијата на граѓани и фондациите ("Службен весник на Република Македонија" бр. 31/98 и 29/07), Собранието на основачите (Основачкото собрание) одржано на 04.05.2008 год. донесе

С Т А Т У Т
на Здружението на граѓани Бугарски Културен Клуб - Скопје

I. ОПШТИ ОДРЕДБИ

Опис

Член 1

Здружението на граѓани Бугарски Културен Клуб - Скопје (во натамошниот текст: Здружение) е граѓанска организација на Бугари во Република Македонија со својство на правно лице, која ги промовира и афирмира во јавноста ценостите на бугарската култура и се залага за зближување на културите на соседните држави - Република Бугарија и Република Македонија.

Член 2

Граѓаните се здружуваат во Здружението на граѓани Бугарски Културен Клуб - Скопје заради остварување на своите духовни потреби и на поширокиот општествен интерес за збогатување на сознанијата за ценостите на бугарската култура, како и за унапредувањена културната соработка и развивање на културните врски меѓу Република Македонија и Република Бугарија.

Име, скратено име и седиште

Член 3

Името на Здружението е: Здружение на граѓани Бугарски Културен Клуб - Скопје.
Скратеното име е: БККС.
Седиштето на Здружението е во Скопје на бул. "Јане Сандански" бр.30/1-Б8 мезанин.

Печат и штембил

Член 4

Здружението има свој печат.
Печатот е со кружна форма и во него е впишан текст на македонски јазик со кирилично писмо: во круг по рабовите - Бугарски Културен Клуб - Скопје и во средината, водоравно - БККС.
Штембилот е во стандардна пропишана правоаголна форма и димензии и со натпис Здружение на граќани Бугарски Културен Клуб - Скопје.

II. ЦЕЛИ, ЗАДАЧИ И МЕТОДИ

Општа цел

Член 5

Општа цел на Здружението е промоција и афирмација во јавноста на ценостите на бугарската култура.

Цел (мисија)

Член 6

Цел на Здружението е создавање на промени во Република Македонија и свест од неопходноста за зближување и меѓукултурна толеранција на културите на соседните држави.

Задачи

Член 7

Задачите на Здружението се:

  • давање придонес во промоција и афирмација во јавноста на Република Македонија на ценостите на бугарската култура;
  • залагање за зближување на културите на соседните држави;
  • промоција на концептот на човековите права и базични слободи сфатен како комплекс од еднакви и неотуѓиви права и слободи на секоја индивидуа, и камен-темелник и услов, без кој не се може, во една слободна, правична и мирољубива држава како припадничка на истомислечкиот круг цивилизирани, демократски земји;
  • менување на приодот на луѓето кон конфликтите - од гледање на конфликтите како на деструктивен судир на некомпатибилни интереси и во културата, кон нивно перцепирање како можност за заеднички напредок и подобрување на односите, кои покрај интересите, ги содржат потребите, чувствата и ценостите;
  • трансформирање на културните/етнички разлики - од нивно антиципирање како извори на натпревар кој неизбежно создава тензии и нетолеранција меѓу различните етнички групи, кон нивно профаќање како потенцијален извор за заедничко градење на односи за заемно почитување и меѓузависност;
  • поттикнување на мултикултурната толеранција во согласност со современите цивилизациски стремежи за изградба на ново општество во единствена Европа обединета во Европската унија;
  • подготовка и реализација на современи уметнички проекти од областа на визуелните, изведувачките уметности и новите медиуми;
  • промовирање на владеење на правото, почитување на човековите права и практикување на демократијата;
  • организирање и реализација на јавни дебати, трибини, тркалезни маси, предавања, семинари, презентации и др. а што се однесуваат на проучување, а заради надоградување на доминантните културни модели;
  • заложби за создавање реални услови за искажување на културниот идентитет и реализација на индивидуалните права во контекст на мултикултурното општество во Македонија;
  • развивање на културниот плурализам, меѓуетничкиот дијалог во областа на културата и надминувањето на предрасудите меѓу различните култури во Македонија;
  • афирмација на културни цености и артефакти што имаат значење за богатството на културните традиции на Македонија;
  • поттикнување и развивање нови, интегративни, заеднички културни цености меѓу народите и етничките заедници во Република Македонија; и
  • поттикнување и остварување соработка со здруженија и други асоцијации од други држави кои имаат слични програмски цели и задачи.

Цености

Член 8

Цености на Здружението се: пиетет кон културата и културните цености на Република Бугарија и Република Македонија, јавност во работењето, транспарентност, одговорност, интегритет, демократија, смелост, правичност, солидарност.

Методи на работа

Член 9

Здружението ги остварува програмските активности преку: потикнување, подготовка, надгледување, соработка, едукација и учество во културни случувања.
Здружението се застапува за градење на свест (продукција на општообразовни и информациски материјали, културна размена, партнерства, студиски,посети и слично), истражување и анализа на јавни политики во културата.
Здружението врши надгледување на примената на јавно и нормативно декларираните политики во културата.
Здружението обезбедува и пренесува знаење преку курсеви, советувања, практична работа и друго.

Посебни случаи

Член 10

Здружението во заложбите за слобода на искажување на културната припадност нема да презема активности што се во надлежност на други органи, организации и институции, но со нив ќе соработува, ќе укажува, прeговара и сл.
Здружението ќе презема истражувања на посебни (индивудулни) случаи на кршење и повреда на правото на граѓаните за слободно одлучување за својата културна припадност само во смисла на подобрување на јавноста и спречување на на нарушувањето на жовековите права и слободи.

Одговорност за мислења и ставови

Член 11

Мислењата и ставовите изразени во проекти, публикации, извештаи, информации, интернет или било која друга форма, се мислења и ставови на стручњаците, соработниците или персоналот на Здружението, но не и на Здружението.
Мислењата и ставовите на Здружението се одобруваат од Управниот одбор и се претставуват на јавноста од лице овластено за тоа.

Територија

Член 12

Здружението дејствува на територијата на Република Македонија.
Здружението дејствува и на меѓународно ниво во согласност со својата генерална политика и стратегија.

III. ЧЛЕНСТВО

Услови за членство

Член 13

Член на Здружението може да биде секој граѓанин државјанин на Репулика Македонија кој доброволно ќе пристапи и кој ќе ги прифати целите, задачите, методите и ценостите наведени во овој Статут и кој ќе биде примен за член на Здружението.
Член на Здружението може да биде и странски државјанин на ист начин и под исти услови како и државјаните на Репулика Македонија.
Во Здружението, како колективни членови може да бидат и други домашни и странски здруженија, асоцијации и други организации кои во согласност со закон се регистрирани и запишани во соодветен регистар на државата во која се наоѓа нивното седиште.
Зачленувањето се врши со пристапница.
Зачленувањето на колективните се врши со пристапница, а на основа на одлука за пристапување, донесена од нивниот соодветен орган на управување, во која покрај изјавата за пристапување се определува и лицето, кое во органите и работата на Здружението, кое ќе го претставува колективниот член.
Здружението води регистар на членови.
За прием во членство одлучува Собранието, по предлог на Управниот одбор.

Права и одговорности на членовите

Член 14

Членовите на Здружението имаат права и обврски согласно со одредбите на овој Статут и позитивните законски прописи.
Членовите имаат право и обврска активно да учествуваат во работата на Здружението, а посебно:

  • редовно да плаќаат членарина;
  • право да бидат избирани во органите на Здружението и право да избираат.

Престанок на членство

Член 15

Членството во Здружението може да престане со:

  • со поднесување писмена изјава - барање за истапување од членство;
  • исклучување, во случај на дејствување спротивно на Статутот.

Одлука за престанок на членството со исклучување донесува Собранието, по предлог на Управниот одбор.

IV. ОРГАНИЗАЦИОНА СТРУКТУРА

Органи на управување

Член 16

Органи на управување на Здружението се Собрание, Претседател на Здружението и Управен одбор.
Орган за вршење контрола на законитоста во работењето и наменското користење и располагање со средствата и приходите на Здружението е Надзорниот одбор.

1. Собрание на Здружението

Состав на Собранието

Член 17

Собранието на Здружението (во натамошниот текст: Собрание) го сочинуваат сите членови на Здружението.
Колективните членови на Здружението во Собранието се застапени со својот претставник.

Делокруг на Собранието

Член 18

Собранието на Здружението:

  • ги донесува Статутот и програмата на Здружението;
  • ги донесува другите општи акти на Здружението, а за кои со овој статут не е определено дека се во надлежност на Управниот одбор на Здружението;
  • го усвојува годишниот извештај, насоките и планот за работа;
  • ја усвојува завршната сметка и финансискиот план на Здружението;
  • одлучува за промена на целите на здружувањето;
  • одлучува за основање и укинување на ограноци и други облици на организирање на Здружението;
  • одлучува за здружување или разделување од друго здружение и за зачленување во сојузи и меѓународни организации;
  • констатира прием на нови членови , престанок и исклучување од членство;
  • го избира Претседателот на Здружението со мандат од 4 години;
  • ги избира членовите на Управниот одбор и Потпретседателот на Управниот одбор со мандат од 4 години;
  • избира членови на Надзорниот одбор;
  • го именува и разрешува секретарот на Здружението;
  • олучува за отповик на органите и за разрешување на членови на органите на Здружението;
  • ги одобрува годишниот извештај за работењето и годишниот финансиски извештај;
  • одлучува за престанок на Здружението со двотретинско мнозинство;
  • одлучува и за други прашања кои не се во надлежност на другите органи и тела на Здружението; и
  • врши и други работи во согласност со овој статут и општите акти на Здружението.

Работа на Собранието

Член 19

Собранието работи на седници.
Собранието заседава најмалку еднаш во календарската година и по потреба.
На годишното Собрание се одлучува најмалку за годишниот извештај за работа, завршната сметка, извештајот за работа и финансискиот извештај.

Свикување на седници

Член 20

Седниците на Собранието ги свикува Претседателот на Здружението, по сопствена иницијатива или по предлог - барање на Управниот одбор, или по предлог - барање на најмалку 1/5 од вкупниот број членови на на собранието.
Ако Претседателот на Здружението во рок од четиринаесет дена од денот на дадениот предлог - барање не свика седница, седницата ја свикува Управниот одбор или иницијаторите.
Седница на собранието за работата на Управниот одбор се свикува и на предлог на надзорниот одбор.
Поканата за седница на Собранието се упатува најмалку осум дена од денот на одржување на седницата.
Собранието за свикување на и работа на седниците донесува деловник за работа, со мнозинство гласови од вкупниот број членови.

Кворум на седници

Член 21

Собранието може да работи и полноважно да одлучува, односно има кворум за работа, ако на него присуствуваат повеќе од половината од вкупниот број членови.
Доколку бројот на членови на Здружението надмине 50 члена, Собранието може да работи ако се присутни 26 члена.
Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните членови, ако со овој статут не е предвидено посебно мнозинство.

Претставување, претседавање и одлучување

Член 22

Претседателот на Здружението го претставува и застапува Здружението во јавноста и во односите со трети лица во правниот промет.
Со седницата на Собранието претседава Претседателот на Здружението.
Ако седницата не е свикана од Претседателот на Здружението, со седницата претседава потпретседателот на Управниот одбор.
Собранието одлуките ги донесува со јавно гласање освен ако со овој статут поинаку не е определено или ако Собранието одлучи по одредено прашање да се одлучува со тајно гласање.
За седницата на собранието се води записник, кој го потврдува - потпишува записничарот и претседавачот со седницата на собранието.

3. Управен одбор

Состав на Управниот одбор

Член 23

Управниот одбор го сочинуваат Претседателот на Здружението, Потпретседателот на УО и најмалку уште пет, но не повеќе од седум члена.
Бројот на членови на Управниот одбор го утврдува Собранието.
Членовите на Управниот одбор се членови на Собранието, односно членови на Здружението.

Избор на Управниот одбор

Член 24

Претседателот на Здружението по функција е член и претседател на Управниот одбор.
Потпретседателот и членовите на Управниот одбор ги избира Собранието, со мнозинство од од вкупниот број членови на Собранието.
Кандидат за потпретседател и за член на Управниот одбор можат да предложат најмалку два члена на Собранието или комисија за избори.
Доколку не се избере потребниот број на членови на Управниот одбор, постапката за избор на непополнетите места во Управниот одбор се повторува во рок не подолг од два месеца.
Мандатот на Управниот одбор е четири години, со право на уште два повторни последователни избори.
Во секој изборен период се променуваат најмалку една третина од членовите на Управниот одбор.

Надлежност на Управниот одбор

Член 25

Управниот одбор на Здружението:

  • ги подготвува седниците на собранието;
  • го подготвува нацртот на статутот и другите одлуки што треба да ги донесе собранието;
  • ја спроведува политиката, заклучоците и одлуките донесени од собранието;
  • предлага перспективни и годишни програми и планови за работа;
  • утврдува предлог финансиски план;
  • ја утврдува годишната (завршната) сметка;
  • носи мерки за обезбедување ефективно и рационално извршување на програмата;
  • управува и одговара за управувањето со имотот на Здружението;
  • одлучува за средствата на Здружението во рамките на финансискиот план;
  • одлучува за висината на членарината;
  • именува и разрешува портпарол, односно советник за односи со јавноста на Здружението;
  • одлучува за зделки кои што се однесуваат на имот со било која стојност на имот на Здружението;
  • одлучува за воспоставување награди и признанија;
  • донесува општи акти за уредување на системот на односите во Здружението, а кои не се во надлежност на Собранието;
  • донесува одлука за формирање на стручна служба;
  • донесува општи акти со кои се уредува внатрешната организација и работата на стручната служба;
  • одлучува за границите на овластувањата на Секретарот во преземањето на права и обврски во односите во правниот промет со трети лица;
  • основа трговски друштва и други правни лица;
  • подготвува годишен или периодичен извештај за својата работа
  • врши други работи во согласност со овој статут, општите акти на Здружението и законот.

Начин на работа на Управниот одбор

Член 26

Управниот одбор работи и одлучува на седници.
Управниот одбор одржува најмалку четири седници во календарска година.
Седниците на Управниот одбор ги свикува Претседателот на Здружението, по сопствена иницијатива или по барање на потпретседателот, по барање на два члена на Управниот одбор, или по барање на пет члена на Собранието или по барање на Секретарот.
Претседателот мора да свика седница во рок од петанесет дена од денот кога е поднесено барањето.
Свикувањето се врши со покана со време, место и предлог дневен ред на седницата.
За одлучување е потребно присуство на мнозинство од членовите во Управниот одбор.
Седницата може да се одржува и одлучувањето може да биде и без одржување на состанок или без физичко присуство на член и тоа преку конференциска електонска врска.
Управниот одбор одлучува со мнозинство гласови од присутните членови на Управниот одбор.
За работата на седниците се води записник кој го потпишува Претседателот, записничарот и два присутни членови на Управниот одбор.

Раководење (претседавање) со седниците на Управниот одбор

Член 27

Претседателот на Здружението раководи со работата на седниците на Управниот одбор и е одговорен за неговата работа.
Во случај на отсуство и спреченост на Претседателот, него го заменува Потпретседателот на Управниот одбор.

Комисии (работни тела)

Член 28

За претресување на прашањата од својата надлежност, Управниот одбор може да формира постојани или повремени комисии или други работни тела.
Делокругот на работа и надлежноста на комисиите ја определува - утврдува Управниот одбор со одлуката за нивно основање.

4. Надзорен одбор

Член 29

Надзорниот одбор е надлежен за вршење контрола на законитоста во работењето и наменското користење и располагање со средствата и приходите на Здружението.
Надзорниот одбор го сочинуваат претседател и два члена.
Членовите на Надзорниот одбор поединечно ги избира Собранието, со мнозинство од бројот на членови во Собранието кои гласале. Кандидат за член на Надзорниот одбор можат да предложат најмалку два члена на Собранието или комисија за избори.
Мандатот на членовите е четири години, со право на уште два натамошни повторни избори.

Член 30

Заради реализација на надлежностите Надзорниот одбор:

  • врши надзор врз работата на Здружението од аспект на примена на одредбите на овој статут и законот;
  • кога ќе оцени дека тоа е потребно, а заради стручна контрола на законитоста и правилноста на материјално - финансиското работење, врши избор и ангажира независен и овластен надворешен ревизор.

Претседателот на Надзорниот одбор раководи со работата на Одборот и е одговорен за неговата работа.

5. Права и одговорности на членовите на органите

Заштита на цели и интереси

Член 31

Членовите на Собранието, Управниот одбор и на Надзорниот одбор (Членовите на органите) во работењето во овие органи во секое време како приоритетни треба да ги имаат целите и интересите на Здружението, пред поединечните или посебните цели и интереси на која и да е друга страна.
Членовите на органите имаат право и должност да учествуваат во работата на органите, да даваат иницијативи за подготвување општи акти и да учествуваат во вршењето други надлежности на Собранието, Управниот одбор и Надзорниот одбор, а во согласност со деловниците за работа, општите акти и со заклучоците на Собранието, Управниот одбор и Надзорниот одбор.

Забрана за вработување

Член 32

Членовите на Собранието, Управниот одбор и членовите на Надзорниот одбор (членовите на органите) не можат да бидат во работен однос во стручната служба на Здружението, а вработените во стручната службадружението.
Доколку со некој од членовите на органите треба да се склучи договор за извршување на определени работи, а без засновање работен однос, договорот се склучува со претходно одобрение на управниот одбор.
Сите исплати на членови на органите, односно вкупниот износ на исплатени средства, како и основот за исплатата, мора да бидат содржани во финансискиот дел на годишниот извештај за работењето на Здружението.

Забрана за учество во извршна власт и политички партии

Член 33

Членовите на органите на Здружението не можат да бидат членови на Владата, односно не може да вршат функција претседател и потпретседател на Владата, како и функцијата министер и заменик министер.
Членовите на органите на Здружението не можат да бидат претседатели и членови на претседателства на политички партии.
За време на вршењето на функциите од ставовите 1 и 2 од овој член, членството во органите на Здружението им престанува, а членството во Здружението е во мирување.

Одговорност

Член 34

Секој член на органите е одговарен за својата работа пред Собранието на Здружението.
Членовите на органите се одговорни за остварување на целите и задачите на Здружението.
Членовите на ораганите се одговорни за штетата предизвикана од нивното работење или поради запоставување на работата.

Недоверба

Член 35

Собранието може да му изгласа недоверба на Претседателот на Здружението, член на Управниот и Надзорниот одбор или на член на Собранието.
Недоверба може да се изгласа во случај на неизвршување на правата и обврските согласно со Статутот и општите акти, а посебно за: кршење на одредбите на Статутот, отстапување од утврдената долгорочна политика и стратегија на Здружението и континуирано неприсуство на седниците на органите.
Гласањето за недоверба на Претседателот на Здружението се спроведува по образложен предлог на Управниот одбор или на предлог од најмалку 1/3 од членовите на Собранието, а предлогот за недоверба се смета за усвоен и дека недовербата е изгласана доколку за недоверба гласале најмалку 2/3 од вкупниот број членови на Собранието.
Недоверба за член на Управниот и надзорниот одбор се смета дека е усвоена доколку за недоверба гласале повеќе од 1/2 од вкупниот број членови на Собранието.
Седницата на Собранието за гласање недоверба се одржува најдоцна во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на уреден предлог преку архивата на Здружението.
Изгласаната недоверба има значење на отповикување, односно разрешување и има за последица престанување на вршењето на функцијата Претседател на Здружението, член на Управниот одбор или член на Надзорниот одбор.

Разрешување

Член 36

Претседателот на Здружението може да предложи разрешување член на Собранието и на Управниот одбор.
Разрешување член на Собранието и на Управниот одбор може да биде предложено поради неприсуство од неоправдани причини на најмалку три последователни седници на Собранието или на Управниот одбор или однесување кое не е во согласност со улогата и идентитетот на Здружението или поради постапување во спротивност со одредбите на овој статут.

Оставка

Член 37

Член на органите може да поднесе оставка.

Одлучување

Член 38

Одлука по прашањата од членовите 29 до 34 од овој статут донесува Собранието со мнозинство од бројот на членови во Собранието кои гласале.
Изборот за испразнетите места во Управниот и во Надзорниот одбор се врши за преостанатото време до истекот на мандатот на соодветниот орган.

Надомест

Член 39

Членовите на Собранието и на Управниот одбор, како и на другите тела на Здружението, можат да примаат паричен надоместок за трошоци и изгубен приход настанати поради учество во работата на Собранието и на Управниот одбор, како и учество во работата на другите органи, комисии и тела на Здружението.
Паричниот надоместок се уредува со одлука на Управниот одбор.

6. Стручна служба

Состав

Член 40

Стручната служба ја сочинуваат Секретар на Здружението и потребниот број персонал.
Секретарот го избира персоналот раководејќи се од принципите на ефикасност, компетентност, интегритет и афирмативност.
Организацијата и работата на Стручната служба се уредува со акти што ги донесува Управниот одбор.

Делокруг на Стручната служба

Член 41

Стручната служба ги врши стручните и административните работи, односно ги води дневните работи, ги сервисира органите на Здружението и ја администрира политиката и програмите одобрени од нив.
Стручната служба:

  • ги следи и анализира економските и општествените трендови и проблеми;
  • подготвува седници на Собранието и на Управниот одбор на Здружението и соодветни материјали;
  • ги раководи и ги координира сите планирани активности на Здружението, во рамките утврдени со годишниот план за работа и со финансискиот план;
  • подготвува среднорочни и годишни планови за работа и финансиски планови;
  • раководи со финансиските средства за обезбедување максимална повратност, мобилизира нови фондови, преговара и склучува договори со донатори и со други финансиери;
  • извршува канцелариски работи, ја чува архивата и го организира водењето на сметководството;
  • поднесува извештаи за работата и финансиски извештаи;
  • подготвува документација и се грижи за спроведувањето на програмските активности, врши нивно набљудување и оценување;
  • одржува односи со јавноста.

Секретар

Член 42

Собранието го именува и разрешува Секретарот на Здружението.
Секретарот е одговорен пред Собранието и Управниот одбор.
Мандатот на Секретарот е четири години, со право на повторно именување.

Делокруг на работа на Секретарот

Член 43

Секретарот на Здружението е главен административен службеник. Секретарот е секретар и на Собранието и на Управниот одбор.
Секретарот учествува во работата на Собранието и на Управниот одбор без право на глас.
Секретарот во својот делокруг на работа:

  • го води и раководи работниот процес на Здружението;
  • ги следи и ги анализира состојбите и проблемите во дејноста;
  • дава прогнози и предвидувања за идни услови, проблеми и можности;
  • комуницира и соработува со други организации;
  • се грижи за стратешкото планирање и, на основа одлуките на органите на Здружението, го организира работењето на комисиите за изготвување перспективни, годишни и периодични програми и планови за работа и финансиски планови;
  • одговорен е за овозможување, во рамките на објективните услови, претпоставки за извршување на програмата и на планот за работа и на финансискиот план и поднесува периодични и годишни извештаи за работа и финансиски извештај до Собранието, преку Управниот одбор;
  • раководи со Стручната служба, ја планира, организира и спроведува работата на Стручната служба;
  • воспоставува соодветни процедури за работа;
  • воспоставува показатели за работни достигнувања и ги оценува и корегира работните достигнувања.
  • Секретарот е законски застапник, односно го застапува Здружението во односите со државните органи, органите на управата и судовите во границите утврдени со одлука на Управниот одбор; и
  • врши и други работи во негова надлежност во согласност со законот, Статутот и општите акти на Здружението.

V. ФИНАНСИИ НА ЗДРУЖЕНИЕТО

Извори на финансирање

Член 44

Здружението може да стекнува предмети, парични средства и имотни права.
Здружението средствата за финансирање на активностите и вршење на дејностите за остварување на целите и задачите ги стекнува од членарина, прилози, донации, подароци и слично.
Здружението може да остварува приходи и од добивката на трговските друштва, доколку има оснивано такви друштва со свои средства и од други извори.
Здружението може да добива средства од Буџетот на Републиката, буџетите на единиците на локалнаата самоуправа и Буџетот на град Скопје.
Средствата од ставот 4 на овој член се добиваат врз основа на претходно изготвени програми (проекти) од Здружението кои ќе бидатодобрени од Владата на Република Македонија, односно надлежните министерства, советите на единиците на локалната самоуправа и Советот на Град Скопје.

Член 45

Користењето и располагањето со средствата стекнати според основите од претходниот член Здружението го врши вo согласност со овој статут и со закон.

Член 46

За користењето и располагањето со средствата одлучуваат органите на Здружението, согласно надлежностите утврдени со овој Статут. Здружението, односно неговите органи преземаат мерки за економско - целесообразно користење на средствата и за спречување и отстранување на незаконитостите.

Член 47

Здружениетo донесува годишен финансиски план и годишна завршна сметка за приходите и расходите на Здружението.
Финансискиот план ги содржи очекуваните приходи како и очекуваните и предвидивите расходи за општествената активност, средства за надоместок и плати на вработените, заедничка потрошувачка на вработените, материјални трошоци за работа на Здружението и други расходи сврзани со работeњето.
Завршната сметка ги прикажува реализираните приходи, како и спецификација на потрошените средства по сите основи.

Намена на средствата

Член 48

Средствата на Здружението се употребуваат за специфични цели, задачи и активности, во согласност со овој статут и со општите акти и согласно со условите и ограничувањата на донаторите.
Вишокот на приходите над расходите (добивката) остварен од Здружението не смее да биде дистрибуиран како таков на ниедно лице, туку мора да биде употребен исклучиво за остварување на целите, задачите и активностите на Здружението.

Судир на интереси

Член 49

Членовите на Собранието и на Управниот одбор, вработените во Стручната служба, и членовите на нивните семејства, не можат да имаат економски интерес во која и да е организација која му продава, издава или му добавува добра и услуги на Здружението или која е корисник на програмата на Здружението.
Исклучок од став 1 од овој член може да се одобри со одлука на Управниот одбор, со двотретинско мнозинство од вкупниот број членови, и треба соодветно да се искаже во годишниот извештај на Здружението.
Членовите на Собранието и на Управниот одбор кои се во однос со организација која работи со Здружението, треба да го декларираат интересот во однос на нивната организација и треба да бидат иземени од расправа и одлучување по тоа прашање.

Финансиски план

Член 50

Финансиската година се совпаѓа со календарската година.
Висината и начинот на распределба на средствата се утврдуваат секоја година со финансискиот план, а врз основа на годишниот план за работа.
Финасискиот план го донесува Управниот одбор, а на предлог на Извршниот директор.
Финансискиот план за секоја година се донесува на крајот од тековната календарска година, за наредната година.
Ако финансискиот план не се донесе во рокот предвиден со став 4 од овој член, финансирањето ќе се врши во висина на средствата од претходната година, зголемени со порастот на цените на мало во тековната година.

Финансиски извештај

Член 51

Финансискиот извештај на предлог на Уоправниот одбор и по претходно мислење од Надзорниот одбор, го усвојува Собранието.
Финансискиот извештај за претходната година се усвојува најдоцна до 30 април во тековната календарска година.
Извештајот за реализираните и потрошените средства го подготвува стручната служба.

Добро управување

Член 52

Управниот одбор управува со финансиските средства на Здружението, согласно со позитивните законски прописи, а заради остварување урамнотежен биланс на приходите и расходите.
Финансиските акти - налози за располагање со средствата на сметките се потпишуваат колективно од најмалку две лица, односно од Претседателот на Здружението, Потпртседателот на УО и Секретарот.
Собранието со одлука поименично ги определува потписниците на сметките.

VI. ЈАВНОСТ ВО РАБОТАТА И ИНФОРМИРАЊЕ

Член 53

Работата на Здружението е јавна.
Органите на Здружението се обврзуваат да обезбедат систем на информирање на јавноста.
Сите акти ќе се објавуваат на соодветен начин.
Здружението може да основа периодични публикации заради остварување на неговите цели и задачи.

VI. АКТИ НА ЗДРУЖЕНИЕТО

Општи акти

Член 54

Здружението донесува статут, правилници, деловници, одлуки, решенија и други акти.
Со правилниците и одлуките се регулираат прашањата за кои, со законот или со овој статут е предвидено да се регулираат со општи акти.

Измени и дополнувања на Статутот

Член 55

Собранието го донесува, го изменува и го дополнува Статутот.
Предлог за измени и дополнувања на Статутот можат да поднесат најмалку пет члена на Собранието или Управниот одбор.
Предлогот го разгледува Управниот одбор и, заедно со своето мислење, го доставува до сите членови на Собранието, петнаесет дена пред одржувањето на седницата на Собранието.
Собранието го донесува Статутот со двотретинско мнозинство од присутните членови.

Потпишување на општи акти

Член 56

Општите акти на Здружението ги потпишува Претседавачот на Управниот одбор или лице овластено за тоа.

VII. ПРЕСТАНОК НА РАБОТАТА

Одлука за престанок

Член 57

Здружението престанува со својата работа, ако за тоа одлучи Собранието со двотретинско мнозинство од вкупниот број членови на две последователни седници, од кои втората ќе се одржи во рок од една до две години од првата.
Здружението престанува со работа и во согласност со позитивните законски прописи.

Имот по престанок

Член 58

Во случај на престанок на работата на Здружението, со имотот и со средствата што остануваат по намирувањето на обврските, располага Црвениот крст на Македонија.

VIII. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 59

Општите акти на Здружението предвидени со овој Статут ќе се донесат во рок од шест месеци од влегувањето во сила на Статутот.

Член 60

Овој Статут влегува во сила со денот на донесувањето.

AdaptiveThemes