18 јануари 2011
Стенопис во црквата Свето Благовештение во Прилеп.
Надписот гласи „Бугарски просветители Св. Кирил и Св. Методиј"
Ако поглаварот на МПЦ не ја повлече својата нехристијанска изјава со која практично ги анатемоса македонските Бугари како „отпадници, предавници и изроди“, раководството на БККС ќе се обрати кон меѓународно признаената Бугарска православна црква (БПЦ) и Неговата Светост Патријарх Максим со молба БПЦ да ги возобнови своите историски епархии над илјадниците македонски Бугари кои живеат на територијата на Република Македонија. По тој повод, претседателот на БККС Лазар Младенов го испрати следното писмо до поглаварот на МПЦ г-н Стефан:
Ваше Блаженство,
Во божиќно интервју за медиумите сте си дозволиле да ја наречете Спаска Митрова, македонските Бугари и политички дисиденти во Република Македонија „отпадници, предавници и изроди“. Со оваа нехристијанска изјава Вие провлекувате длабока линија на поделба меѓу православните христијани, поткопувајќи го единството на општеството во нашата татковина.
Како лојални граѓани на нашата сакана Република Македонија, кои држат на своите бугарски корени и културно-историско наследство, ние не прифаќаме да сме „отпадници, предавници и изроди“ во сопствената држава и категорично ги отфрламе вашите злобни навреди (кои потсетуваат на антихуманиот речник на Кју Клукс Клан и никако не придонесуваат за посакуваното меѓународно признавање на МПЦ).
Како што е познато, по распадот на Титова Југославија илјадници православни христијани од Република Македонија масовно ја возобновуваат својата бугарска етничка припадност, декларирајќи го своето бугарско потекло и приврзаноста кон бугарското културно-историско наследство на своите предци.
Вашата изјава претставува своеобразна анатема и отказ на МПЦ да се грижи за духовните потреби на нас – македонските Бугари.
Со ова отворено писмо, сакаме официјално да Ве запрашаме – ги потврдувате ли Вашите зборови, дека како македонски Бугари ние сме „отпадници, предавници и изроди“ и дека не' отфрлате како редовни верници на МПЦ?
Ако навистина е така, ќе бидеме принудени да се обратиме кон меѓународно признаената Бугарска православна црква (БПЦ) и Неговата Светост Патријарх Максим со молба БПЦ да ги возобнови своите историски епархии над илјадниците македонски Бугари кои живеат на територијата на Република Македонија.
Однапред благодариме за Вашиот одговор.
Со почит,
Лазар Младенов
Претседател на БККС