Влез за потребители

Кој е вклучен?

Во овој момент на сајтот има 0 потребители и 0 гости.

Миладиновци: Български народни песни

Етнографија на Македонија

Македония - Сборник от документи и материали

Честита 118-та годишнина од основањето на ВМРО

23 октомври 2011

Основачите на ВМРО: Христо Татарчев, Даме Груев, Христо Батанџиев (горе, од лево кон десно), Иван Хаџиниколов, Петар Поп-Арсов, Андон Димитров (долу, од лево кон десно)

Создадена на 23 октомври 1893 година во Солун, тогаш дел од Отоманската империја, од мала група на македоно-бугарски револуционери, тајната организација имала цел да се избори за автономија на Македонија и Одринско.

Целта на организацијата била да ги обедини сите елементи во Македонија и Одринско кои биле незадоволни од турскиот режим, и да постигне политичка автономија за двата региона. И покрај доминантниот бугарски карактер на славјанското население во овие региони, организацијата се надевала на поддршка и од локалното влашко, грчко, па дури и турско население, за да ги постигне своите цели. Организацијата се развивала брзо: само за неколку години, Комитетот успеал да создаде широка мрежа на локални организации низ цела Македонија и Одринско. Локалните организации вообичаено биле лоцирани околу училиштата на Бугарската Екзархија, а нивни лидери биле месни учители или учители родени во Бугарија.

На Солунскиот конгрес на организацијата во 1896 е дадена задача на Гоце Делчев и Ѓорче Петров да подготват устав и правилник. Според првиот устав, организацијата е наречена Бугарски македоно-одрински револуционерни комитети (БМОРК). Под ова име, организацијата постои се до 1902 година, кога го променува името во Тајна македоно-одринска револуционерна организација (ТМОРО). Во 1905 година, организацијата го променува името во Внатрешна македоно-одринска револуционерна организација (ВМОРО). По нејзиното расформирање во периодот 1915-1918, организацијата се возродува во 1920 година под името Внатрешна македонска револуционерна организација (ВМРО), под кое име е позната денес.

Извадок од првиот устав на БМОРК, 1986 година, изготвен од Ѓорче Петров и Гоце Делчев

Во продолжение се извадоци од спомените на основачите на ВМРО во кои се зборува за основањето на организацијата (Спомени, И. Х. Николов, Д. Груев, Б. Сарафов, Ј. Сандански, М. Герџиков, д-р. Х. Татарчев, Култура, Скопје 1995, ISBN 9989-32-022-5).

Иван Хаџиниколов, стр. 48-52:

Во текот на мај 1892 г. на улица ме навтаса претсетателот на солунската општина свештеникот Иван Маџаров, што ми рече; „Доаѓам од конакот, бев отиден кај валијата да го молам, еве неколкупати, да се отвори црквата во с. Ново Село (Солунско), во која да одат на богослужение и екзархисти и патријаршисти, иако од последните има само две куќи. На тоа валијата ми одговори: „Аман со тие ваши цркви и училишта. Да знаеш, попе, дека со вас ќе се мачиме едно-две години. Потем ќе ве оставиме да се фаќате за гуша со Грците и Србите, а ние ќе си гледаме сеир“. Циничкото искажување на Зехни-паша ме јадоса и решив колку што е можно поскоро да се зафатам со основањето на револуционерна организација. На располагање имав веќе четиримина сомисленици: П. П. Арсов, д-р Хр. Татарчев, Дим. Цонев и Хр. Батанџиев. Но сметав дека сме малцина. Освен тоа, сакав меѓу нас да има и некој човек, поавторитетен и поопитен во конспиративното дело, каков што не можев да видам меѓу интелигенцијата во Солун и воопшто во Македонија. Затоа решив во текот на распустот да отидам во Софија, и таму сред емиграцијата да најдам таков човек.

Во јули 1892 год. заминав во Софија. Таму се сретнав со К. Шахов и му го изнесов планот, а тој за соодветен и авторитетен човек ми го посочи Гоце Делчев, уште јункер во военото училиште. Шахов ни закажа средба во неговата печатница во идната недела, бидејќи јункерите само во неделен ден можеле да излегуваат од училиштето. На нашата средба јас ја оцртав положбата на нашето национално дело во Македонија, ја изнесов заканата на солунскиот валија, и успесите на српската пропаганда и пред двајцата го поставив прашањето: не е ли време да се основа револуционерна организација во Македонија. И двајцата ми одговорија потврдно, но побараа да им ги изнесам какви треба да бидат, според моето мислење, основите на таа тајна организација. На поставеното прашање го одговорив следново:

1. Револуционерната организација да се основа внатре во Македонија и да дејствува таму, за да не можат Грците и Србите да ја толкуваат како орудие на бугарската влада;

2. Нејзините основачи да бидат месни жители и кои живеат во Македонија;

3. Политичкото мото на Организацијата да биде автономија за Македонија;

4. Организацијата да биде тајна и самостојна, без да влегува во врска со владите на соседните слободни држави; и

5. Од македонската емиграција во Бугарија и од бугарската јавност да се бара само морална и материјална поддршка за борбата на македонските револуционери.

За изнесените пет основни поставки зборувавме цели четири часа, и во потполност се согласивме. По прашањето за авторитетното лице, по размената на мислењата меѓу мене и К. Шахов, Гоце рече: „Слушај, г. Х. Николов, помина толку време, нека помине уште една година. За една година јас го завршувам военото училиште, и немам намера да останам како офицер во бугарската армија. Ќе се вратам во Македонија. Тогаш ќе дојдам во Солун, ќе зборуваме за тоа прашање, и ако има услови, ќе ја основаме Организацијата“. Се разделивме со Гоцето, пожелувајќи си идното лето да се видиме во Солун.

Распустот од учебната 1892/1893 год. го поминав во Њушател (Швајцарија), за да ги вопотполнам своите знаења. Се вратив во Софија на 30 август, и веднаш отидов во гимназијата, за да разберам за својата положба, бидејќи Екзархијата секоја година вршеше преназначување на учителите. Во канцеларијата ми беше соопштено дека сум преместен во Серез, спред извештајот од директорот В. К`нчев. Одбив да отидам во Серез, и се зафатив со приватна работа – книжарство. Требаше да останам во Солун, затоа што, како што се бевме договориле, требаше да чекам тука да пристигне Гоце Делчев. Извесно време бев зафатен со извршување на формалностите за отворање на книжарницата (давање на барање и добивање дозвола од меарифот, земање под наем на дуќан и правење порачки за книги и канцелариски материјали. На 11 септември 1893 год. веќе ја отворив книжарницата, откако Хр. Г. Данов и Д. В. Манчов ми испратија учебници да ги продавам на консигнација.

Помина месец септември, туку Гоце уште го немаше. На 21 октомври 1893 год., рашетувајќи се крај морето, ме сретнаа Анд. Димитров и Дамјан Груев. Ме запреа, и меѓу нас започна следниов разговор:

- Абе Хаџи, што мислиш ти за ослободувањето на Македонија? – ме запраша Анд. Димитров.
- За тоа прашање размислувам уште пред 15 години и додека во Македонија не дојде до еден втор Батак, таа нема да се ослободи. А пак да дојде до востание, треба да се основа револуционерна организација.
- Па ајде тогаш ние тројцата да основаме таква организација.
- Ние тројцава сме малку. Треба да влезат повеќе и поавторитетни луѓе.
- Па на кои сметаш да влезат?
- На пример Д. Кондов, К. Самарџиев и други, што имаат врски со цела Македонија. (Ова јас го реков затоа што Даме Груев работеше во печатницата на К. Самарџиев како коректор).
- Витосај ги нив, - ми одвети Д. Груев. – Тие не се за таква работа. Тие знаат да се плеткаат само во такви работи, каде е касата на Екзархијата, и други дотации.
- Кои други имаш во предвид? – рече А. Димитров.
- Абе, имам во предвид и други луѓе, но не знам дали ќе се согласат да влезат во Организацијата. Такви се на пример: П. П. Арсов, д-р Хр. Татарчев и Хр. Батанџиев. (Д. Цонев веќе не беше учител во Солун).
- Па убаво, тие тројцата и ние тројцата веќе стануваме шестмина. Да се сретнеме шестмината, да размениме мислења сите заедно.
- Добро! – одговорив јас, и определив место и време за заедничка средба на нас шестмината.

Во договореното време на 23 октомври 1893 год., во петокот навечер, сите шестмина се собравме во живеалиштето на Хр. Батанџиев. Јас ја објаснив целта на нашата средба дали не е време да се основа револуционерна организација, каква треба да биде нејзината тактита и нејзиното политичко верују, кои ќе имаат право да членуваат во неа, и какви да бидат нејзините односи со македонската емиграција што се наоѓа надвор од територијата на Македонија и слично.

Поставените прашања беа предмет на разгледување од нас шестмината, но најподробно и најопширно се искажа д-р Хр. Татарчев. На крај дојдовме до следнава согласност: 1. Организацијата треба да биде тајна и револуционерна, 2. Нејзината територија ја сочинува само Македонија, во нејзините географски и етнографски граници, поради што ќе се наречува и внатрешна, 3. Во неа ќе членуваат лица родени и што живеат во Македонија, без разлика на вера и народност, 4. Политичкото верују на организираните Македонци е: автономија на Македонија и 5. Да се запазува самостојноста на Организацијата, за да не падне под влијание на политиката на владите на соседните словни држави.

Јас бев задоволен што сите приссутни ги искажаа кажаните јасни мислења, што јас порано ги бев искажал пред К. Шахов и Г. Делчев во Софија, затоа и најмалку зборував, но на крајот реков: „Другари, ние веќе основавме револуционерна организација, но дали знаете какви можат да бидат последиците за секој еден од нас во случај на провала? Сите ние можеме да отидеме на бесилка. За себеси ви изјавувам дека сум решен да одам докрај, а вие што ќе речете?“ Сите одговорија потврдно, т.е. дека и тие се готовни да одат докрај. Со тоа заврши формалниот чин на основањето на Револуционерната организација, идејата за која зреела кај секој еден од нас уште порано.

За проширувањето на кружокот и за привлекување на сомисленици, на крај решивме секој еден од нас да ги посветува во револуционерната идеја своите најблиски луѓе во Солун и провинцијата.

Даме Груев, стр. 96-99:

По убиството на министерот Белчев во Софија во мене се породи за првпат идејата да работам на македонското дело. Едно 3-4 месеци пред тоа студентите македонци во Вишата школа се нафативме да се организираме во име на идејата за самообразование и заемно влијаење. Целта ни беше: по завршувањето на учењето да си се прибереме сите внатре во Македонија, во која имаше голема потреба од сили на интелигенцијата. Сред тој наш тесен, интимен круг веќе се беше родила идејата да се издигне револуционерна организација во Македонија. Бидејќи спрската пропаганда веќе беше почнала да дејствува во Македонија, и ние поради тоа се наштрекнавме и дојдовме на мислата дека треба да се побрза да се постави на дневен ред идејата за ослободување на Македонија, пред да успее српската пропаганда да се зајакне и да го расцепи народот. Ние самите го испитавме врз себеси дејството на таа пропаганда. Во Скопје и во Солун истовремено имаше агитатори. Ни ветија стипендија и ни ја дадоа. И тогаш јас со уште неколку македончиња отидовме во Белград. Тука можевме да ги согледаме српските намери од тоа што мошне се трудеа да ни влејат српска идеја, и да ни го натурат српскиот јазик, што уште повеќе не разгневуваше.

Во Софија повеќе меѓусебно се запознававме. Кога се токмевме да формираме „друштво“ (во тек беше изработка на правилник – статут). Се предвидуваше целите на друштвото да бидат научни, а всушност се подготвувавме да се собереме за идна револуционерна дејност. Токму тогаш дојде до убиството на Белчев. Последуваа апсења, - ме уапсија мене и Никола Наумов поради нашето учество во социјалистичка група; а пак тоа се состоеше главно во тоа што одржувавме вечерно училиште. Не задржаа 15 дена затворени во 5-от полициски участок. Ни правеа истрага и не пуштија. Друштвото ни се растури поради тоа што јас и Наумов, за да го избегнеме служењето војска, неколку дена по нашето ослободување од затвор си заминавме во Македонија. И двајцата бевме исклучени од Високата школа, додека бевме затворени. Јас си заминав за Битола. Тогаш не постоеше ниту збор за некаква организација.

Во текот на летото во Битола се обидов да здружам неколку момчиња, со чисто револуционерна цел, сиреч идејата што ја имав во Софија, почнав да ја остварувам. Тоа отпрвин беше меѓу 5-6 мина: Лука Џеров (од Битола, беше завршил V или VI клас во Солунската гимназија), Неделко Дамјанов (од Битола, учител), Дуртанчев (учител, род. од Битола), Никола Кочов (учител од Битола) и др.

Во Софија главните членови на „Дружбата“ ни беа Хр. Поп Коцев, Д. Мирчев, Никола Дејков (секретар кај мировен судија, родум од Прилеп, сега адвокат во Луковит), Поп Арсов. Сметавме да дејствуваме главно во насока да се бара применување на Берлинскиот договор. Мислевме да создадеме организација, по образец на Револуционерната организација во Бугарија пред ослободувањето, да дејствуваме по примерот на Ботев, Левски, Бенковски и сл. Добро ја бевме проучиле таа организација. На пример, записите на Захариј Стојанов ни повлијаеја, па и воопшто дотогашната бугарска револуционерна публицистика. Бевме се запознале и со историјата на српските движења.

Уште во текот на летото во Битола ја формиравме Дружба, а и пристапивме кон изработка на устав, но тогашниот архимандрит, сегашниот владика Козма беше научил за тоа, и успеа да разочара некои од другарите, па така се оневозможи натамошното јакнење на Дружбата.

Меѓу целите, што си ги поставуваше таа група, освен револуционерната идеја, што требаше да се всадува и шири под скришна форма, да се зајакнуваат можностите за популаризирање на идејата, и да закрепнуваат и врските меѓу интелигенцијата, се токмевме да создадеме една околиска заемна библиотека за сите што го сакаат тоа. Туку не бидна ништо, и јас си се прибрав дома в село. Во Смилево одржував вечерно училиште за возрасни, тука тоа беше нешто сосем ново. Имаше посетители. Развивав чисто просветна дејност. Потем во Прилеп поминав пак на чисто учителска работа. Таму немаше почва за друго. Учителите беа со конзервативни идеи. Дури не можеше ништо ни да се стори со нив за идејата. Дури и повеќе, учителите се држеа настрана од мене, оти се беше прочуло дека сум бил исклучен од Високата школа во Софија, и дека сум бил заразен од социјалистички идеи. Заправо социјализмот го должам на социјалистичките средини во Софија. А пак никогаш не бев го проучувал сериозно социјализмот, ниту пак сум му бил некогаш предан со некаков фанатизам на тоа учење. Во Македонија ме задеваа како социјалист, и јас, предизвикан го бранев тоа учење, но не сум бил активен социјалист и не сум ни мислел дека за него има почва во Македонија.

Во Солун ја поминав следната година, на работа во печатницата на Самарџиев. Тука се сретнав со свои стари другари: Поп Арсов, Андон Димитров (род. од Солунското Ајватово, сега член на битолскиот суд), д-р Христо Татарчев, Хаџиниколов (од Кукуш), Христо Батанџиев (од Гуменџе, секретар на солунската општина?). Со нив ја обновивме старата идеја. Се згрупиравме, и сложно изработивме статут-правилник. Во негова основа ги поставивме истите начела: барање да се примени Берлинскиот договор. Така тој статут беше оформен според образецот на статутот на Револуционерната организација во Бугарија пред нејзиното ослободување. Девизата беше: примена на решенијата од Берлинскиот договор. Основавме тајна организација со „Централен комитет“, со разграноци, со членски вноски. Се предвидуваше полагање заклетва и сл. Во правилникот не се предвидуваше ништо за српската пропаганда, но имавме на ум, кога ќе се освести народот, да се оневозможат нејзините последици. Тоа беше во текот на 1893-1894 година.

Првата година посветивме во новата организација 2-3 ученици, што ја завршија гимназијата во Солун: Александар Панов, што стана учител во Прилеп, после студираше во Париз и се врати во Солун, каде почина од болест, и други двајца. И така годината заврши со тоа.

Д-р. Христо Татарчев, стр. 330-332:

Воопшто таа негова особена тактика, итро – лукаво оддалеко да пристапува кон својата цел, дури и кога немаше потреба од тоа, како во случајот со мене, ми остави дури неубав впечаток, и чиниш доведе дури за мое заладување спрема него. На второто среќавање јас му реков дека моето решение да дојдам во Македонија, кога нема уште ниеден лекар Бугарин, зборува достатно за моите идеи. Груев пак се така насмевнат, но очевидно задоволен од мене, се збогува откако ми ја стегна раката, и ме запраша кога пак да се видиме. Не помина многу време, и Груев наново ме посети, и овојпат веќе поотворено заприкажавме за дејноста, што ни претстои како на Бугари, за да се подобри политичката состојба на нашиот народ. Веќе стана збор да се привлечат и други другари, откако претходно бидат сондирани по тие прашања. Груев зеде врз себеси да го стори тоа. На 23 октомври1893 год. дојде до првата средба на овој поширок круг луѓе, во одајата на книжарот Иван Хаџиниколов, во улицата Челеби – бакал. Присуствувавме јас, Груев, Поп Арсов, Хаџиниколов, Андон Димитров (учител по турски јазик во гимназијата, ми се чини род. од с. Ајватово), Христо Батанџиев (од Гуменџе), тогаш учител во основното училиште, потем секретар во митрополијата; тој загина заедно со архимандритот Евлогиј во 1913 год. фрлен од Грците во морето). Само овие шестмина се бевме собрале. Тука веќе разменивме мисли за идната политичка активност, така што секој еден од нас ќе се труди да влијае врз други лица, и да ги привлекува за истата идеја, да се подготви организирана општествена дејност. Групата се конституира врз тие начела како друштво, без записник, и без да се избираат раководители сиреч претседател и сл.

На оваа средба не беше утврдена никаква формалност – заклетва или нешто слично, за да се сметаат членовите лично задолжени да дејствуваат за ослободителното дело. Меѓутоа, се разделивме со увереност дека ни претстои сериозна и тешка задача. Презедовме задолжување заедно да дејствуваме меѓу наши познати и секој еден од анс гледаше при погоден повод да го искористи престојувањето на учители, еснафи, свештеници и трговци во Солун, дојдедни од провинцијата, за да агитира меѓу нив за идејата. Така помина до крајот на 1893 година. Во почетокот на 1894 година во време на празниците, пак споменатите шестмина се собравме пред Водици во живеалиштето на Андон Димитров (спроти куќата сега на браќата Дамјанови, бившиот бугарски пансион), за да го поставиме темелот на една револуционерна организација. Долго расправавме за целта на таа организација, и најпосле се задржавме врз автономија на Македонија со предимство на бугарскиот елемент. Не можевме да го прифатиме ставот за „директно присоединување на Македонија кон Бугарија“, затоа што увидувавме дека тоа ќе сретне големи тешкотии, поради спротивставувањето на големите сили и аспираиците на соседните мали држави и на Турција. Ни поминуваше низ мислата дека една автономна Македонија потем би можела полесно да се обедени со Бугарија, а во краен случај, ако не се постигне тоа, дека ќе може да послужи како обединувачка алка на една федерација на балканските народи. Одринско, колку што се сеќавам, отпрвин не влегуваше во нашата програма, и мислам дека после беше дојдено до замислата и таа област да се вклучи кон автономна Македонија. Откако се согласивме за целта на нашата организација – на истата средба се зафативме да изработиме статут на Организацијата. Прирака ми беше еден том од „Записите“ на Захариј Стојанов, и од нив го зедовме за урнек статутот на „Бугарскиот револуционерен комитет“. Го задолживме Поп Арсов, врз основа на тој статут, да изработи нацрт за нашиот статут. На истата седница долго се разгледуваше прашањето какво име да носи Револуционерната организација и Комитетот. Ова прашање ни одзеде прилично време, и најпосле, колку што се сеќавам, усвоивме да се наречат: „Македонска револуционерна организација“, а Комитетот – „Централен македонски револуционерен комитет“, а скратено „Ц.М.Р.К“. На други средби статутот беше дефинитивно примен, се така од истиот тој состав на шестмината. Тогаш веќе, во согласност со усвоениот статут, беше конституиран првиот Централен комитет, при што мене ме избраа за претседател, а Дамјана Груев за секретар и благајник. Потем веќе започна практичното организирање на револуцијата, што тргна многу позабрзано.

Во Солун Дамјан ги посети првите дејци – со заклетва, се разбира, - учениците Славејко Стрезов (родум од Ресенско, убиен подоцна кај Криволак во 1915 год. како поручник), Хаџи Панов (родум од Прилеп, потем студираше во Брисел инжењерство, - умре подоцна во Солун од болест на грбникот), Алексо и Тончев (од Велес, тогаш работник кај Саздов Ризов, сега во Софија, парализиран), Алексо Часовникаров (работник), Васил Мончев (што го држеше Бошнак – ан, кај него престојуваа сите дејци на Организацијата, држеше и гостилница), Стефан Матлиев (од Охрид, имаше работа со царинарниците и се плеткаше со Турците) и свештеникот Поп Стаматов (од с. Бугариево, тогаш при црквата Св. Димитар во Солун).

AdaptiveThemes