18 февруари 2013
Д-р Андреј Ковачев на дебатата во Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“
Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев даде прилично силни критики за Македонија на дебата денеска во Софија, јави бугарската новинска агенција „Крос“.
- Тоталитарните ретроградни практики и идеологија с? уште го спречуваат напредокот на Македонија кон обединета Европа. Македонизмот, антиквизацијата и менувањето на историјата, почнати од комунистите, продолжуваат и денес и внесуваат разделби не само од двете страни на границата, туку и во самата Република Македонија со албанскиот етнос – рече Ковачев.
Тој порача и дека Бугарија, сепак, е пријател на граѓаните на Македонија.
- Бугарија е сојузник на граѓаните на Македонија на нивниот пат кон европска интеграција. Клучот кон неа не е во Атина, Софија или Брисел, туку во Скопје – рече бугарскиот европратеник, кој порача дека се неопходни повеќе контакти меѓу граѓанските организации, засилување на економските врски и културната размена во регионот.
Заменик-претседателот на комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент учествуваше на дебатата „Македонија и Западен Балкан – европски перспективи и ризици“, во аулата на софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“. Дебатата ја организираше Бугарскиот културен клуб од Скопје, преку своето задгранично претставништво „Пејо Јаворов“, како и неколку други организации од Бугарија.
Ковачев порача и дека Бугарија не е соработник на Грција во блокирањето на ЕУ интеграцијата на Македонија.
- Ние никогаш не сме биле соработници на Грција, не ја поддржувавме Грција во блокирањето на кандидатурата на Македонија. Бугарската влада објасни каков е проблемот со Македонија – дискриминација на бугарските граѓани и манипулации со историјата – рече Ковачев, појаснувајќи дека во декември лани одлуката да не се даде датум на Македонија за почетокот на преговорите ја донеле сите 27 членки на ЕУ.
Според европратеникот од редовите на Европската народна партија и на владејачката бугарска партија ГЕРБ, меѓу предизвиците на Западниот Балкан на патот кон ЕУ се владеењето на правото, корупцијата и транспарентноста.
- Тој проблем што го одбележа и бугарскиот преоден период, е директно наследство од комунистичкиот период и тогашното поврзување на партијата, државата и економијата. Тој е вграден во многу општества во Југоисточна Европа и бара коренито институционално трансформирање. Носителите на тоталитарната диктатура и нивните агенти се уште ги трујат економскиот, академскиот, политичкиот и медиумскиот живот – рекол Ковачев, пренесува „Крос“.
Прочитајте ја целата информација на порталот Плусинфо.