Влез за потребители

Кој е вклучен?

Во овој момент на сајтот има 0 потребители и 2 гости.

Миладиновци: Български народни песни

Етнографија на Македонија

Македония - Сборник от документи и материали

Албанските медиуми за научната конференција во Струга

2 октомври 2013

Подолу можете да прочитате превод на две статии од албанските медиуми за научната конференција во Струга по повод Охридско-дебарското востание.

Iliria News Agency: Албанци и Бугари заедно против српските окупатори во „Септемвриското востание“ 1913 година

Научната конференција посветена на 100-годишнината од „Септемвриското востание“ од 1913 година, којашто се одржа во Струга, спроведена во организација на струшкиот огранок на Друштвото на историчари Албанци и Општина Струга, фрли доста светлина на септемвриските настани од 1913 година донесувајќи нови факти и аргументи од многуте истражувања на проучувачи, историчари и иследувачи, учесници на оваа научна конференција.

Оваа конференција, којашто беше собрала на едно место историчари, проучувачи и иследувачи од Македонија, Албанија, Косово и Бугарија, од документите претставени на оваа конференција произлезе дека имало востание и прва борба на Албанците за одбрана и ослободување на териториите окупирани од српските војски и четници. Ова „Септемвриско востание“ од 1913 беше првата борба на Албанците за териториите што останаа надвор од Албанија после прогласувањето на независноста од 1912 година и после меѓународните конференции, особено после решенијата на познатата Лондонска конференција, којашто резултираше со раскинување на албанските територии и анексија и инвазија од српската војска.

На 100-годишнината од „Септемвриското востание“ од 1913, познато уште и како „Војната на Петриња“, учесниците на Научната конференција потенцираа дека тоа било силен удар и прв вооружен отпор на Албанците против новиот српски поробител кој ги имаше окупирано местата населени со Албанци на овој дел од Балканот каде што и започна да се зголемува отпорот кон жестоките окупатори, и како што минуваше времето, а репресиите и насилствата стануваа с? пожестоки, така се зголемуваше и отпорот, паралелно со насилството и теророт што Србите го вршеја врз населението на Струга, Дебар, Охрид и другите места, опфаќајќи го и Косово.

На оваа конференција беа претставени 18 трудови од коишто 16 беа на албански проучувачи, историчари и иследувачи, додека 2 труда беа на бугарски историчари, коишто предизвикаа љубопитство кај присутните.

После поздравниот говор на претседателот на Академијата на науките на Албанија, академикот Музафер Коркути, со свои документи се претставија: проф. д-р Џеладин Шала; „Анти српско-црногорското востание од септември 1913 и ефектот од него“; м-р Ќерим Лита: „Септемвриското востание 1913 во српските дипломатски документи“; бугарскиот историчар Георги георгиев: „Вовед и подготовка на Охридско-дебарското востание од 1913“; проф. Зејнула Ќира: „Бугарските и албанските документи околу септемвриското востание 1913“; д-р Љуш Цуљај: „Меѓународниот печат за Балканските војни 1912-1913“; проф. д-р Газменд Шпуза: „Од одекот на балканската алијанса во септемвриското востание 1913“; проф. д-р Фејзула Шабани: „Одекот на септемвриското востание 1913 во Гостивар и околината“; проф. Исмет Кроси: „Печатот на времето и масакрите во септемвриското востание во Полог“; д-р Миџаит Положани: „Споменикот на жртвите на битката на Петриња на плоштадот во Струга“; проф. д-р Фатмира Муса: „Придонесот на Иса Болетини во септемвриското востание 1913“; проф. д-р Димитар Тјулеков – универзитетски професор на УЈИЕ во Сандански: „Меѓународната ситуација во југоисточна Европа во текот на септемвриското востание 1913“; проф. д-р Халим Пурелку: „Тенденциите на Софија и Скопје за присвојување на септемвриското востание од 1913“; м-р Члирим Дервиши: „Масакрот во Песочани 1912-1913“; Лири Лена: „Фигурата на демир Лена“; м-р Скендер Асани: „Голготата на Албанците од Скопје за време на српската окупација, октомври 1912 – октомври 1913“; проф. д-р Даут Бислими: „Архивските извори за околностите кои доведоа до септемвриското востание 1913“; м-р Неки Љумани: „Учеството на стружани во септемвриското востание 1913“; и на крај проф. д-р Неби Дервиши се претстави со трудот: „Великосрпскиот геноцид по задушувањето на септемвриското востание 1913 во Струшко и Охридско“.

Повикувајќи се на овие трудови, коишто несомнено фрлија многу светлина на настаните од септември 1913, би цитирал фрагмент на бугарскиот историчар Димитар Тјулеков, којшто во својот труд „ Меѓународната ситуација во југоисточна Европа во текот на септемвриското востание 1913 “ меѓу другото вели: „Албанците и Бугарите живееле заедно со векови, како што и денес во Струга живеат повторно заедно. Во 1913, пред 100 години, не се знаело за некакви антички Македонци, а уште помалку за некакви наследници на Александар Велики. Според мене, митовите секогаш предизвикувале неизбежни конфликти“ – вели меѓу другото Тјулеков.

По завршувањето на конференцијата, во доцните попладневни часови, се одржа тркалезна маса во салата на Советот на општина Струга, со учество на албански и бугарски историчари, каде што се дебатираше за многу прашања и аспекти за случувањата од 1913 врз база на трудови, архивски извори и взаемните сознанија на бугарските и албанските проучувачи.

Во ниту еден случај не се негираше дека септемвриското востание од 1913 е албано-бугарско, меѓутоа историчарот Халим Пурелку со аргументи им се спротивстави на бугарските историчари во врска со именувањето на востанието како „Охридско-дебарско востание“ бидејќи е токму спротивното, востанието започнало од Дебар, а не од Охрид.

Меѓувремено, историчарот Фејзула Шабани, покрај другите полемики, полемизираше и за пописите од почетокот на 20 век, конкретно за бројот на жители и етничката структурата во Струга, Кичево, Тетво, Гостивар и др.

На крајот, на оваа тркалезна маса зеде збор и градоначалникот на Општина Струга, Зиадин Сеља, за да им изрази благодарност на бугарските историчари за учеството на оваа Научна конференција, подвлекувајќи дека историчарите треба да се оттргнат од политиката и да дејствуваат како научници, повикувајќи се на аргументи, докази, факти, архивски документи итн. и да продолжи со комуникацијата и интензивната соработка меѓу албанските и бугарските историчари, нешто со кое се согласија сите присутни. (М. Љативи / ИНА)

StrugaLAJM: Бугарите беа со Албанците во „Септемвриското востание“

„Септемвриското востание“ од 1913 година беше првата војна на Албанците кои останаа надвор од границите на официјална Албанија после решенијата на Лондонскиот договор што резултираше со поделба на овој народ меѓу балкансите држави, беше речено меѓудругото на научната конференција што се одржа денеска во Струга. Со оваа манифестација завршија маратонските активности спроведени по повод 100-годишнината од Војната на Петриња, којашто според историчарите, беше првиот вооружен отпор на Албанците кон новиот српски окупатор кој инсталираше жестока власт над албанските земји почнувајчи од Охрид, Струга, Дебар, дури до Косово.

Со свои гледишта кон овој настан се осврнаа проучувачи и историчари од Албанија и Косово, како и бугарски историчари и проучувачи, кои разменија аргументи и константираа дека ова востание било иницирано и раководено од албанските борци на коишто им се придружил и бугарскиот комитет кој зел учество и во раководните структури на „Септемвриското востание“.

Бугарскиот историчар Димитар Тјулков истакна дека со септемвриското востание соработката меѓу Албанците и Бугарите започнала и на институционален план, бидејќи, според него, Струга и Охрид е простор каде овие народи заемнодејствувале и соработувале меѓу себе, не споменувајќи за Македонци како народ или одделен етнитет.

На оваа научна конференција ги претставија своите трудови проучувачи и истпоричари од сите албански делови, чиишто трудови ќе се објават во специјален број на научното списание на Друштвото на историчари Албанци од Македонија, „Историски пребарувања“. На сите активности што се одржаа во Струга во контекст на 100 годишнината од Битката на Петриња, со свое учество им укажа чест и претседателот на Академијата на науките на Албанија, академик Мизафер Кoркути. (StrugaLajm.com)

AdaptiveThemes