Влез за потребители

Кој е вклучен?

Во овој момент на сајтот има 0 потребители и 0 гости.

Миладиновци: Български народни песни

Етнографија на Македонија

Македония - Сборник от документи и материали

Груевски нема друга алтернатива освен да си замине доброволно од власта

15 мај 2015


Интервју на д-р Андреј Ковачев, член на Европскиот парламент, за Плусинфо

Андреј Ковачев е бугарски пратеник во Европскиот парламент од 2009 година. Член е на владејачката партија во Бугарија ГЕРБ. Со него зборуваме за актуелните теми во Македонија.

Г-дин Ковачев, вчера во Македонија имаше лидерска средба на која учествуваа лидерите од четирите најголеми партии во земјава, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, во присуство на американскиот амбасадор Џес Бејли и евроамбасадорот Аиво Орав. Сметате ли дека политичката криза во Македонија може да се реши на лидерска средба?

- Искрено се надeвам! Со години и особено во последните неколку месеци политичката криза во Македонија доби хроничен и се повознемирувачки карактер. Наместо да се бара заедничко решение и компромис, целосно насочен кон надворешен, но и кон внатрешно-политички план, постојано се бараше спротивставување и конфликт. Решителната интервенција од САД и Европската унија укажуваат на силниот надворешен немир за ситуацијата, но и даваат оптимизам, дека политичките лидери во Македонија ќе најдат сили да го надминат негативизмот и ќе најдат сили да работат заедно за целината и стабилноста на Македонија и за нејзината, се надевам, скорешна европска иднина.

Каква разрешница очекувате од актуелната политичка криза и според Вас какво решение и е потребно на Македонија во моментов?

- Очекувањата ми се речиси посакувања. Се надевам дека политичкиот дијалог во Македонија ќе биде востановен, дека слободата на медиумите ќе биде гарантирана, дека личните и колективни права и слободи на македонските граѓани ќе бидат почитувани.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов неодамна искрено му препорача на премиерот Груевски да поднесе оставка. Дали би го сториле исто тоа и Вие да сте на местото на Груевски?

- Во политиката и уште повеќе во демократијата не е се прашање на сила, не секогаш посилниот е задолжително поправ, или пак прави подобро. Исто така власта не е и не може да биде цел сама за себе! Во 2013, во ситуација на политички притисок, Бојко Борисов претпочиташе да даде оставка, за да се смири притисокот и да запре конфликтот. Како вистински демократ, тој не само што не се поколеба да оди на предвремени избори, но на нив иако ГЕРБ победи, тој претпочиташе да не влегува во заткулисни договори и остана во опозиција. Година подоцна, Борисов и ГЕРБ одново победија убедливо и успеаја да формираат стабилна десно-центрична влада. И тогаш, и сега премиерот Борисов има солидна поткрепа и поддршка како од САД, така и од ЕУ и од сите европски земји. Со целосно загубената надворешно-политичка доверба и целосно изманипулираната внатрешна доверба, премиерот Груевски денес нема друга алтернатива освен да си замине доброволно од власта. Се надевам дека нема да излезам во право, но не сум убеден, дека тој е способен за тоа. Освен примерот на Бојко Борисов, друга можна алтернатива, која стои пред него е таа на Јанукович во Украина – да се повлече кон Русија, Србија...

После Куманово и „бомбите“ што ги објави лидерот на опозицијата, Зоран Заев, каков е впечатокот за Македонија во Бугарија, и во Европскиот парламент, каде Вие сте пратеник?

- Впечатокот од содржината на „бомбите“ и во Европскиот парламент и во Бугарија е исклучително негативен. Тоа е така не поради измислената работа на некакви „странски“ служби какви што г-н Груевски се обидува намерно да вклучи во приказната, туку поради тоа што го содржат записите – циничните разговори на една политичка врхушка, која ја заборавила својата улога. Тие, всушност, го изнесуваат на површина методот - балкански политички авторитаризам, кој вклучува тотална контрола на медиумите, организирана корупција, манипулација на изборите, узурпирање на сите владини ресурси и не, на последно место, – инструментализација на спорот околу името, на надворешната политика кон соседите и на националната историја и идентичност – особено со надреалистичниот проект „Скопје 2014“, замислен да го покрене „самочувството и гордоста на Македонците“, но постигна сериозно влошување на односите со соседите и тоа не поради самите „споменици“, туку поради нивната манипулативна историска интерпретација.

Во Скопје деновиве многу се шпекулира за тоа чие сценарио е кризата во Куманово. Посматрачи блиски до власта ги обвинуваат главно западните центри на моќ, додека други зборуваат за можно српско или руско сценарио за предизвикување немири во Македонија. Кака е Вашата теорија?

- На Балканот треба да запреме да ја бараме вината во другите, во големите сили, дежурните лоши соседи или во лошото време и искривената оска на Земјата. Треба да се научиме да гледаме малку повеќе во нашиот внатрешен двор. Се разбира, да не бидеме наивни, префрлањето на вината за сопствените неуспеси на други е згодно извинување и помага особено многу на избори. Таа појава г-н Груевски ја научил до совршенство и така владее веќе 9 години. Да објаснуваш дека блокираното членство во НАТО и ЕУ е поради лошата Грција која не ти го дава името, а Бугарија – уште полоша зашто не ти го признава „идентитетот“ и „јазикот” е еден од најразвратните политички принципи на сегашното владеење. По сета таа логика, да се бараат денес виновниците за моменталната политичка криза надвор од Македонија е само уште еден обид да се манипулира јавното мислење и да се претстави владата како единствен и последен заштитник на нацијата. Тоа го правеа и бугарските и југословенските комунисти во континуитет 45 години.

Во недела во Скопје ќе се одржи протест на граѓаните и опозицијата против Владата на Никола Груевски, се најавува присуство на повеќе европски социјалдемократи. Ќе дојдете ли и Вие или некој друг од Бугарија?

- Не е во моите планови да дојдам во Скопје, но јас би го поддржал секој повик за демократија, за слобода на медиумите и за гарантирање на личните и колективни права и слободи на граѓаните. Би го поддржал секој обид Македонија конечно да престане со тесноградиот светоглед, наследен од комунизмот и Титова Југославија. Би поддржал една Македонија со поглед кон својата европска и трансатлантска иднина, а не таква окована во надреални митови и легенди од едно измислено минато.

Барате да се олесни процедурата за издавање бугарски пасоши за македонските граѓани. Што се случува на тој план и колку бугарски пасоши досега се издадени за македонски граѓани, еднаш спомнавте бројка од 100.000 пасоши.

- Да, јас сум од оние кои апелираат за олеснување на добивање на бугарско државјанство за луѓето со бугарско етничко потекло, а такви има не само во Македонија, туку и во други држави од регионот. Тоа, дека над 100.000 македонски граѓани се определиле како етнички Бугари не треба ниту да изненадува ниту да плаши кого и да е. Со оглед на нашето заедничко историско минато, таа цифра е, дури би рекол, се уште доста скромна и ќе продолжи да се зголемува зашто на народот во Македонија веќе не му е страв и срам од потеклото на дедовците. Таа тема во Македонија се злоупотребува многу со цел Бугарија да се претстави во лошо светло и да се оцрни, а, како што гледате, таа тема се обидува да ја поткопа државноста на Македонија одвнатре. Вознемирувачки е што тоа е истата таа стара теза која по традиција господари во Македонија во текот на последните 90 години – како во кралска Југославија, така и во Титова Југославија, но и за жал е се уште во употреба и денес. Тоа е згодната удбашка теза за „големиот источен ѓавол“ и „домашните бугараши – предавници“ кои ни мислат само лошо и од кои треба да се чуваме по секоја цена.

Познат сте како остар критичар на политиката на Република Македонија во однос на Бугарија. Тврдите дека нема македонско малцинство во вашата земја и еден сте од оние кои сметаат дека владата на Груевски требаше да исполни неколку услови за да ги подобри односите со Република Бугарија ако сака да стане членка на Европската Унија. Дали верувате дека некоја идна македонска влада ќе се согласи со тоа дека не постојат македонска нација и македонско малцинство во Бугарија?

- Ова е провокативно прашање од Ваша страна, во стилот на југостереотипите за кои говорам, дека постојат 90 години. Ќе ви одговорам отворено и без задни мисли. Во Бугарија секој може да се дефинира како што сака, дури и како етнички Македонец. Бугарија не го одрекува ниту правото на самоопределеба како „етнички“ Македонец, ниту модерната македонската нација - таква каква што е дефинирана од времето на Коминтерната и Титова Југославија. При последниот попис во Бугарија има околу 1.500 декларирани како етнички Македонци, од кои околу 1.000 се македонски граѓани кои престојуваат во Бугарија. Што се однесува до бугарските Македонци, но не во етничка смисла, туку во географска, во Бугарија има многу повеќе отколку во самата Република Македонија. Веројатно над 2 милиона сегашни Бугари имаат корени поврзани со географската област Македонија. Меѓи нив е и еден голем дел од историската и современата бугарска политичка, интелектуална, економска и културна елита – претседатели, премиери, министри, писатели, артисти...Сите тие луѓе се сметаат себе си за етнички Бугари, такви какви што се сметале себе си и се самоопределиле во минатото сите познати личности од заедничката историја, почнувајќи од цар Самуил, преку браќата Миладинови, Гоце Делчев, Даме Груев, Јане Сандански, Христо и Милан Матови, Тодор Александров, Никола Вапцаров и до Иван Михајлов. Разделувањето доаѓа подоцна, после нив, и е наложено од внатре со насилство, терор, обвинувања, понижувања и манипулации. Неприфатливо е и сквернавење е да го смените националниот идентитет на починати луѓе, кои не можат да се заштитат. Се надевам дека во Македонија ќе започне објективна дебата за историја, која не е доминирана од УДБА/КОС или постјугословенска носталгија. Младите поколенија не треба да растат во заблуда. Нема ништо лошо да се чувствуваш горд дека си етнички Македонец и да го знаеш потеклото и како се чувствувале твоите претци.

Премиерот Борисов јавно изјави дека во случај на хуманитарна криза во Македонија 90.000 Македонци со бугарски пасоши ќе бидат „прибрани“ во Бугарија. Сметате ли дека тоа е сериозна и пријателска порака кон Македонија?

- Цитатот од премиерот Борисов не е никаков цитат, туку еден манипулативен текст во духот на југословенското минато. Дури и на слободен и почитуван од мене медиум, каков што е Вашиот, му е тешко да се оттргне на оковите на сликата која е создавана намерно за Бугарија и за се бугарско од годините на Тито, како да зборувам за провладините медиуми или тие поврзани со српските олигарси, Латас и тн. Бугарија е и секогаш била најпријателски настроена земја кон Македонија. Всушност, дури не сум убеден дека зборот „пријателски“ е доволен за да ја дефинира најправилно оваа врска. Бугарските европратеници се доживуваме и како симболични пратеници на македонските граѓани до приемот на РМ во ЕУ и сме најдобриот и искрен нивен сојузник.

Линк кон интервјуто на сајтот на Плусинфо

AdaptiveThemes